ВИДЕО: Започна со работа првата канцеларија за превенција во Стајковци

Од:

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го означија почетокот со работа на првата канцеларија за превенција на Советот за превенција во општина Гази Баба, во населеното место Стајковци.

Во оваа канцеларија граѓаните ќе можат да ги пријават сите повреди на слободата и правата, а преку директната комуникација со нив ќе се работи на поголема превенција.

„Сакам да најавам дека покрај оваа, канцеларија за превенција ќе биде отворена и во населеното место Сингелиќ, од причина што во изминатиот период беше увидено дека постојат неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Со овие канцеларии кои ги отвораме сакаме да работиме на поголема превенција, а со тоа и на подобрување на безбедноста“ – истакна градоначалникот Георгиевски.

Преку проектот МВР за граѓаните полицијата се доближува до секој граѓанин, сакајќи да ја врати довербата на граѓаните во полицијата.

„Најважно нешто во безбедноста е превенцијата. Превенцијата која ќе допринесе да јакне свеста кај граѓаните за тоа дека треба да бидеме партнери со македонската полиција. Сакам да изразам благодарност до општината и градоначалникот Борис Георгиевски што овозможи да се отвори оваа канцеларија. Ова ќе биде катче во кое граѓаните ќе може да доаѓаат и да се информираат, да даваат предлози и идеи како заедно со полицијата да ги заштитиме нашите домови, нашите населби, нашиот град, нашата Република Македонија и да покажеме дека заедно можеме многу повеќе.“ – истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.