(ВИДЕО) Лазаревски: Го напуштив работното место во МВР за да ги заштитам бомбите

Од:

Свиркачите на бомбите од Македонија, ексвработените во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, се номинирани за наградата „Новинари, укажувачи и чувари на правото на информирање“, која ќе биде доделена на 29 мај во Европскиот парламент. Наградата годинава се доделува во чест на убиената истражувачка новинарка од Малта, која настрада кога во нејзиниот автомобил беше поставена бомба. Ова е втора номинација за двајцата свиркачи што ги изнесоа нелегално прислушуваните материјали од УБК по претходно веќе добиената меѓународна награда за слобода на говорот.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“, која ја испратила номинацијата за наградата, изјави дека Лазаревски и Костовски го пробиваат патот во заштитата на укажувачите во земјата.

„Нивните права сè уште не се доволно опсервирани и не знаеме дали некој воопшто презема нешто да ги заштити, кои по правило би требало да бидат заштитени во согласност со Законот за укажувачите. Исто така, досега сме укажале многупати дека имаме Закон за заштита на укажувачите, но никој не го применува. Ниту претходната власт ниту сегашната не направи ништо за да се обезбеди да имаме ефективен и ефикасен систем за заштита на укажувачи“, рече Тасева.

Костовски не присуствуваше на денешната прес-конференција, но Лазаревски говореше за искуството на двајцата свиркачи и за работите што поминале во изминатиот период.

„Тој уште не е излекуван од стравот што сè можеше да се случи и што ќе се случи кога овој случај ќе се заборави, а некој што сака да се одмазди, можеби сè уште тоа го планира и во него тоа тлее. Ние сега се движиме со вртење на главата лево-десно да видиме кој е во близина, да видиме дали некој нè гледа, едноставно не се чувствуваме слободно, а знаеме дека исто така никој не нè заштитува“, рече Лазаревски.

Тој истакна дека од институциите досега никој му се нема обратено за враќање на работното место во МВР и дека е можно да постои центар на моќ кој е против неговото враќање во оваа институција. Рече дека можеби ќе се пријави на конкурсот за директор на ОТА, новоформираната оперативно-техничка агенција за следење на комуникациите.

„Мене целта ми беше да се вратам во МВР бидејќи го напуштив пред сè за да ги заштитам бомбите и точно се знае дека тоа го направив поради нив, но сега не постои никаква иницијатива таа моја лична жртва да биде исправена“, додаде Лазаревски.

За престижната награда, луѓето што се заслужни за откривањето на големиот скандал со прислушувањето во земјата се номинирани заедно со убиениот истражувачки новинар Јан Куцијак од Словачка, кој истражуваше даночни измами меѓу бизнисмени и словачки политичари, основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, свиркачот Марија Ефимова, која откри корупција поврзана со малтешките политичари, и Рафаел Халет, свиркачот за даночна евазвија во Луксембург со наслов „Лукс Ликс“.

Кристина Озимец