Општина Крива Паланка организира свечена академија во чест на сесловенските просветители на која ќе биде прогласен и најуспешниот просветен работник на територијата на општината за учебната 2017/2018 година. Академијата ќе се одржи утревечер во Центарот за култура Крива Паланка.
Годинава првпат е воведено признание за најуспешен просветен работник, а согласно Одлука на Советот на општина Крива Паланка ќе биде доделено на професорката Лариса Жулина – Митовски.
Од општината потенцираат дека востановувањето на ваква награда е со цел поттикнување на сите посветено да работат со учениците, а општината и заедницата да оддадат признанија за лицата кои тоа умеат да го сторат на само ним својствен начин.
Просветните работници од градот согласно пропишани критериуми за најуспешен просветен работник поднесуваа апликации до Комисија при општината до 4 мај, а се спроведе и онлајн гласање преку линк објавен на општинската страна.
Во конкуренција за најдобар просветен работник на територијата на oпштина Крива Паланка за учебна 2017/2018 беа: Елена Николовска, наставник по француски јазик, ООУ Јоаким Крчовски, Лариса Жулина Митовски, наставник по музичко образование, ООУ Јоаким Крчовски, Сашка Младеновска, професор по француски јазик, СОУ Ѓорче Петров, Даница Крстевска, наставник по техничко образование, ООУ Илинден и Дане Петровски, професор по предмети од угостителско-туристичка струка, СОУ Ѓорче Петров.
По ова, комисијата согласно бројните наведени критериуми, со земени предвид и мислења од совет на родители и наставнички совет, како и поседување сертификати и учества на проекти и семинари значајни за наставниот процес, пристапи кон комплетно бодирање.
