Министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, посетата на Белград ја почна со средба со преставници на македонското национално малцинство во Србија и тоа со Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ), со преставници на трите политички партии на Македонците во Србија, преставници на здруженијата на Македонците и на информативните гласила на македонски јазик.
Во повеќечасовниот разговор околу 50 преставници на Македонците од Србија во разговорот со министерот Адеми, говореа за постоењето на големи проблеми и неслога меѓу нив, обвинувања за работата на сегашниот НСМНМ и проблеми за гласањето во октомври на новиот состав на ова државна институција финансирана од Србија, задолжена за остварување на малцински права на Македонците во образованието, културата, информирањето и употребата на мајчиниот јазик и писмотото.
Македонците во Србија побараа поддршка и финасиска помош од Македонија и во образованието и учебниците за македонски јазик, поддршка за проекти и за добивањето на македонски патни исправи.
Особено беше искажана голема потреба од отворање на македонски културен центар во Белград.
Министерот Адеми откако ги ислуша барањата на македонските иселеници, констатираше дека пораката која во дискусијата ја искажале за состојбата меѓу нив е многу лоша и дека треба да се прекине со кавгите за да се изнајде модел на организација кој може да ги обедини.
– За жал постои голема поделеност меѓу нив, која и како порака беше испратена дека е непотребна. Ова е плод на изминатите 11 години на една длабока партиска поделба, како во Македонија, што двојно повеќе се рефлектираше кај нашите сонародници што живеат надвор од Македонија. Ние со дипломатското преставништво овдека ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот модел, со кој ќе воспоставиме систем на функционирање со кој сите Македонци во Србија ќе можат да добијат и простор и време и подршка во се она што сакаат да го реализираат, изјави Адеми по средбата.
Тој предложи на лето да се организира тркалзна маса на која би се искажале и решиле проблемите кај Македонците во Србија, со давање на конкретни предлози за нивно надминување.
– Македонија ќе ве поддржи, доколку искажете слога, рече Адеми.
Утре министерот за односи со дијаспората Едмонд Адеми ќе оствари работна средба со српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ, во чија недлежност е заштитата и спроведувањето на правата на националните малцинства во Србија.
Во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години бројот на лицата кои се деклариларе како Македонци опаѓа или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија. Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.
