Здружението на слепи лица-Битола на располагање ќе има тактилната публикација „Мозаик Нартекс – Хераклеа Линкестис“, која ја подготви авторот Јове Парговски, во рамки на проектот „Ние во Музеј“ поддржан од Министерството за култура.
– Хераклеа Линкестис е позната по своите подни мозаици, а сo своите технички, уметнички, иконографски, стилски и симболични карактеристики, се издвојува претставата на мозаикот од нартексот на големата базилика, како извонреден пример на ранохристијанската уметност. Токму тоа e и причината, овој мозаик кој зафаќа површина од преку 100 квадратни метри, да биде прикажан преку тактилна публикација, посочи Ирена Ружин, раководител на проектот.
Тактилната претстава на мозаикот е изработена на специјална тактилна хартија со помош на PIAF фузер, а описниот текст е отпечатен на Брајово писмо. Публикацијата е двојазична, на македонски и англиски јазик, а изработена е и аудио верзија која е поставена на веб страната на НУ Завод и музеј Битола.
-Со оглед на тоа дека се работи за културно наследство од Македонија кое е уникатно и интересно за публиката од целиот свет, во наредниот период е планирано публикацијата да биде бесплатно диструбуирана до светските библиотеки и здруженија кои имаат можност да изработуваат ваков вид на публикации, потврди Ружин.
