(ВИДЕО) Отворени листи – единствена можност за граѓаните активно да учествуваат во создавањето на кандидатските листи

Од:

Граѓаните активно да учествуваат во создавањето на кандидатските листи и самите да одлучуваат во изборот на пратениците наместо тоа да го прават партиските лидери – оваа можност ја нуди единствено преференцијалното гласање, односно пропорционалниот систем со отворените листи на гласање. Со овој модел гласачите, освен за партија, гласаат и за личност. Па, така, ако не им се допаѓа редоследот на предложените кандидати на листата, самите може да изберат кои кандидати според нив треба да ги претставуваат во парламентот. Интересен феномен е што последните кандидати на листата може да соберат најмногу гласови, повеќе и од лидерите што најчесто се носители на листата.

„Покрај гласовите за партијата, и индивидуалните гласови се мерило за влегување во парламентот, што дополнително води кон поквалитетни кандидати и поголема поврзаност меѓу пратениците и гласачите. Сега кандидатите повеќе се грижат што ќе каже раководството на партијата наместо граѓаните. Истражувањата покажуваат дека со овој модел има поголем одѕив, односно помала апатичност на изборите“, велат од МОСТ.

Европското искуство покажува дека повеќе од 80 отсто од државите го применуваат моделот на отворени листи, но со различен степен на отвореност, а некои одат дотаму што гласачите може и да допишат кандидати ако не им се допаѓа изборот.

„Странските експерти многу често досега го предлагаа тој модел, но лидерството на политичките партии претходно избегнуваше да разговара на таа тема. Отворените листи му даваат предност на квалитетот на пратениците. Може да се случи во една изборна единица со една листа, 120-тиот на листата да освои повеќе гласови од првиот. Обично лидерите се на првите места и може сериозно да дојде до промени во одредни политички структури“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

Дека отворените листи водат кон поголема демократија и одговорност на пратениците пред гласачите, потврдуваат и самите партии, но некои од нив стравуваат од можните внатрешни несогласувања и меѓусебното ривалство во партиите. Сепак, и покрај низата предности, моделот на отворени листи, како и една изборна единица, со години не поминува во Македонија бидејќи последните одлуки на преговарачката маса повторно ги носат големите партии. Иако велат дека се „за“, ДУИ и СДСМ се правдаат со потребата од консензус за ова прашање меѓу сите големи партии, а ВМРО-ДПМНЕ како по навика одбегнува да го соопшти ставот за темите што не ѝ одговараат.

Галена Николовска-Ризвановиќ