СДСМ со писмено соопштение реагира на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасен и видлив е очајот во којшто е западната ВМРО-ДПМНЕ. Оваа опозициска партијата измислува непостоечки случаи за договори склучени во 2015 година кога токму ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
Сите јавно достапни информации покажуваат дека првиот договор за истражување на минерална суровина – глина, во општина Василево, фирмата Тотал Инженеринг со Владата на Република Македонија го има потпишано 2015 година, времето кога премиер на владата е Никола Груевски, тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Проектите, елаборатите и ревизиските клаузули се одобрени од институции кои во тоа време ги раководеле кадри на ВМРО ДПМНЕ.
Според овие реални факти јасно е дека не постои никаков конфликт на интереси, туку дека станува збор единствено за финиширање на постапка започната уште во 2015 година.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со успешните политики на Владата предводена од СДСМ преку коишто што државата тргна напред и затоа секојдневно измислува непостоечки случаи. Со таквото однесување, опозициската партија одново покажува дека лажните вести, рециклираните и измислени случаи се нивниот единствен начин на дејствување“ се вели во реакцијата на СДСМ.
