Финансиска полиција врши проверки за паралелен увоз на лекови

Од:

Управата за финансиска полиција во изминатите денови влегла на неколку клиники за проверки во однос на паралелен увоз на лекови, велат од Финансиската полиција.

Отаму наведуваат дека ќе изнесат дополнителни детали доколку се потврдат соменавањата што се предмет на истрагата.

Интернет порталот Нова тв претходно објави дека Финансиската полиција влегла на Клиниките за хематологија и ревматологија и во Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и оти истражуваат последна набавка на лек Мабтера.

ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија тврди дека кај нив не влегла Финансиска полиција, во врска со истрага за набавка на лекот „мабтера”, кој наводно бил донесен со паралелен увоз по интервентна постапка.

Од Клиниката соопштија дека воопшто не е извршена набавка на ваков лек, а лекот “Rituximab-Мабтера”- кој во моментот се аплицира на Хематологија е добиен според регуларна отворена постапка- меѓународен тендер бр. 4/2017 од 29.06.2017.

„Истиот се увезува според паралелен увоз и дистрибутерот уредно ја доставува целата потребна документација и дозволи од МАЛМЕД, согласно на законските барања. Стручниот колегиум не се сомнева во квалитетот на лекот бидејки е од оригинален производител, до сега не се евидентирани несакани реакции, ниту има поместување во очекуваните резултати од лекувањето. Не сме имале ни поплака од ниту еден пациент поради дистрибутивниот ланец кој се користи за да се донесе лекот“, се вели во соопштението.