Извршниот директор на Институтот за човекови права, Мирослав Драганов, на денешната презентација на третиот мониторинг извештај за реформите во судството кој се однесува на периодот од јануари до март оваа година истакна дека по поминати 5 месеци Судскиот совет и Советот на јавни обвинители немаат преземено никакви чекори за видливи резултати за решавање на случајот со злоупотреба на АКМИС системот и местените судски предмети.
– Граѓанските организации треба да ги притиснат институциите што побрзо да ја истражат до крај злоупотребата на АКМИС системот бидејќи целиот случај почна да се одолговлекува. Цели 5 месеци Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не преземаат конкретни чекори за решавање на овој проблем, вели Драганов по што додаде дека како дополнителна причина за побрзо решавање на случајот е тоа што напредувањето на судиите во изминатите 8 години се засновало на токму на овој систем.
Првиот човек на Институтот за човекови права исто така истакна дека на седницата на Судскиот совет која се одржа на 4 март било извршено вонредно оценување на судиите, со што се укажува на фактот дека голем дел од судиите не биле соодветно оценети.
-92 отсто од судиите во 2015 и 2016 година биле оценети со највисока оценка, а за разлика од тоа само 20 отсто од претседателите на судовите биле оценети со највисока оценка. Се поставува прашањето доколку биле добри критериумите овие 8 години зошто сега се потребни измени и дали тоа укажува дека претседателите на судовите биле по неефективни и понепрофесионални од нивните колеги судии, рече Драганов.
Виктор Јованов