Промовирано специјалното издание на Уставот на РМ со Брајова азбука

Од:

Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија заедно со средното училиште за лица со оштетен вид „Димитар Влахов“ го промовираа специјалното издание на Уставот на РМ изработен со Брајова азбука. Уставот на РМ е највисок правен акт на Република Македонија и е темел на државната легислатива, но истовремено и гарант за остварување на правата и слободите на секој нејзин граѓанин.

На презентацијата присуствуваше и министерката за образование, Рената Треневска-Дескоска која ја поздрави идејата и рече: „Образовните институции се важна алка на патот по кој поминуваат сите генерации на оваа држава. Во нив треба да се развива свеста кај учениците за припадност на Република Македонија. Ова издание, од денес, ќе им биде четиво и на лицата кои досега немаа можност да ги прочитаат своите права, но и обврски“.

„Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Македонија, во сферата на легислативата, настојува да ја исполни со висок степен на совесност, а секоја информација мора да биде автентична, точна и лесно достапна за сите. Тоа беше и поводот да започнеме еден ваков проект, но искрено се надевам дека како општествено одговорна институција ќе имаме и мотив и доволно идеи да продолжиме со слични примери“, истакна директорот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски.

За директорот на средното училиште, Горанчо Јакимов, ова е важен момент и одличен пример, кој треба да го следат и другите институции, за еднаква пристапност кон сето она што не им е достапно на лицата со оштетен вид.

На промоцијата на ова издание на Уставот на РМ присуствуваше и претседателот на „Сојузот на слепи во РМ“, Жарко Селковски, како и претставници од институтот за дефектологија на УКИМ, од Одделението за слепи при НУ „Св. Климент Охридски“ и како донатори на специјалните табаци за Брајовата азбука од Универзитетот за Југоисточна Европа кои се и имплементатори на проектот на УСАИД за децата со пречки во видот.

Покрај присутните, Устав на РМ со Брајова азбука ќе добијат и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, средните училишта кои имаат правна насока, Законодавно-правната комисија при Собранието на РМ, Парламентарниот институт при Собранието на РМ, а ЈП Службен весник на РМ ги повикува и другите институции кои сметаат дека имаат потреба од ова издание на Уставот на РМ со Брајова азбука.