За полесно да стигнат до правда, најранливите граѓани во државата ќе мора да чекаат до есен, тогаш се очекува да биде донесен новиот закон за бесплатна правна помош, соопштија од НВО „Ехо“-Штип, кои изминатиот период работеа на забелешките на Предлог законот.
Благица Кирова од НВО „Ехо“-Штип на денешната прес-конференција рече дека по јавната расправа, наместо пред пратениците, Министерството за правда го врати текстот на доработка. Невладините организации поради кои остана концептот на Бесплатна правна помош во државата имаа бројни забелешки.
– Во моментов овластените здруженија исто така сме вклучени во давање на предлози за подобрување на Предлог законот за бесплатна правна помош, како би можела да се изгласа регулатива, која што ќе овозможи, квалитетна и бесплатна правна помош и квалитетен пристап за помош на граѓаните, изјави Кирова.
Таа додаде дека постојниот Закон за бесплатна правна помош почна да се применува пред осум години. Но, одребите се рестриктивни и реално на помош може да се надеваат одвај 18.000 граѓани. Од Здруженијата бараат и поголема промоција од страна на државата, бидејќи истражувањата покажале дека 70 отсто од оние на кои се однесува не ни знаат дека ваков закон постои.
Овластени здруженија за бесплатна правна помош, освен во Штип, функционираат во Струмица, Битола, Куманово и Скопје, кои од почеток до крај ги мониторираат судските процеси. Граѓаните најмногу бараат правни совети за имотно правни односи и заштита на децата, а во најголем број случаи, тоа се и жртви на семејно насилство.
