Научникот од Колумбија кој што викендов требаше да присуствува на конференција во Охрид е депортиран во Цирих, бидејќи не поседувал виза за влез во земјава. Министерството за внатрешни работи соопшти дека станува збор за колумбиската државјанка Н.О.П. Тие демантираат дека имало неправилности околу нејзиното одбивањето на влез во Република Македонија. Според полицијата, службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени ниту пак некој е насилно качен во авион.
Како што информира МВР, на 27 април на скопскиот аеродром од Цирих допатувала Н.О.П. (31), со патна исправа од Колумбија. По извршената пасошка контрола, констатирано е дека таа не поседува валидна виза за влез во земјава и и бил одбиен влез во земјава. „Виза за влез во Република Македонија не им е потребна на: државјаните на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор; на државјани на трети земји со постојан престој во земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор; или на државјани на трети земји со важечка повеќекратна Шенген Ц виза со рок на важност подолг од најмалку пет дена од планираниот престој во Република Македонија; како и на државјани на трети земји со важечка британска, канадска или американска виза со рок на важност подолг од пет дена од планираниот престој во Република Македонија. Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија“, велат од МВР.
Невладината организација Охрид СОС вчера обвини дека станува збор за скандал во пресрет на одржувањето на научната конференција на Society of Wetland Scientists за блатни екосистеми во Охрид, на која се најавени бројни ученици од странство.
Според нив, „жената која што е петти месец трудна, била насилно качена на авион назад за Цирих без можност и да се поздрави со својот сопруг за кого немало место во авионот да се врати заедно со неа“. „Згора на сѐ, ѝ бил ставен и црн печат во пасошот. А таа е научник со меѓународна кариера и тој црн печат и тоа како може да ѝ пречи во понатамошното извршување на нејзината работа – таа постојано патува поради конференции или теренски истражувања“, реагираат од невладината организација.
