Правда за жртвите кај Смилковското Езеро побараа и дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ присутни на протестот пред кривичниот суд, од каде порачаа дека дошле по сопствена волја. Кандидатот за градоначалник на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, вели дека протестот не бил партиски организиран.
-Протестот не е партиски, јас сум од Бутел, ги познавам дел од семејствата на момчињата. Ова е грозоморен чин осуден од општеството, а и судот си ја заврши работата, но поради одредни политики, случајот се врати каде што е сега. Мислам дека некој свесно сака да ја сокрие правдата. Јас зборувам во лично име, ни на крајот од паметот не ми е да мешам политика кога се работи за ваков чин, говорам како човек, мојот став е познат од минатото… Јас лично би осудил кој било што сака да прави политчки поени за овој случај, тоа е надвор од умот, рече Костовски.
Дел од граѓаните на протестот носеа транспаренти на кои пишуваше „Спиеш ли мирно Заев“, „Ги сонуваш ли ти жртвите од Смилковското Езеро“ и порачаа судот да ги казни убијците.
На протестот не беа присутни родителите на жртвите кај Смилковското Езеро. Тие на последното рочиште го обвинија премиерот Заев дека крие дел од разговорите за овој случај кои укажуваат на вмешаност на функционери на ДУИ. Заев, пак, повтори дека сите разговори од прислушуваните материјали се предадени на СЈО, а како сведок за случајот би се појавил ако судот го побара тоа од него.
Галена Николовска-Ризвановиќ