Центарот за развој на Југоисточниот плански регион месецов склучи договори за четири вредни проекти

Од:

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион овој месец склучи четири договори за проекти, од кои два се со Европската унија и нивната вредност изнесува 550 илјади евра, информира директорката на Центарот, Жулиета Ѓуркова.

– Двата проекти се со Европската унија, односно од програмата за Прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Едниот е во делот на заштита на животната средина и биодиверзитетот, а другиот во делот во справување со кризи. Вкупната вредност е 550 илјади евра, посочи Ѓуркова.

Другите два проекти се со помала вредност, но се многу значајни за Југоисточниот плански регион. Договорите се склучени со Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската Влада, односно Швајцарската агенција за развој.

– Со едниот проект даваме поддршка на бизнис заедницата преку спроведување на активности на бизнис центарот. Последниот проект е само еден мал дел од поддршката што ќе следува наредните неколку години. Она што е најважно за нас е што за прв пат ќе се организираат граѓански форуми на регионално ниво, каде граѓаните сами ќе одлучуваат што е важно за нивниот регион, додаде директорката Ѓуркова.

Инаку, овие форми на граѓанско одлучување досега се реализираа само на општинско ниво и како успешна алатка годинава за прв пат ќе биде применета и на регионално.