Над 2.000 велигденско обоени јајца, десетици цртежи со велигденска содржина, најразлични велигденски декорации, донесе денешната „Велигденската изложба“ која беше во организација на општина Делчево во соработка со образовните институции, локалната библиотека, Центарот за култура и здруженија на граѓани.
Комисијата одлучи првата награда во износ од 3.000 денари да ја додели на ООУ „Ванчо Прке“, втората во висина од 2.000 денари ја освои детската градинка „Весели цветови“, а пради големиот избор на креации, Комисијата додели две трети награди во износ од по 1.000 денари кои отидоа кај Дневниот центар за лица со посебни потреби и ООУ „Климент Охридски“, а сите учесниците добија благодарници за учество на „Велигденската изложба 2018“.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој ја отвори изложбата, истакна дека денешниот ден, Велики четврток е посебно убав, празничен, бидејќи денеска се докажа дека со идеја и креација, но и со многу почит и љубов за празникот и за традицијата, може да се долови смислата на овој голем празник.
– Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, кога ја славиме победата на животот над смртта, на доброто над лошто, на светлината над темнината, Ви испраќам порака да ја дочекаме веста за Христовото воскресение со запалени свеќи, молитви за мир, здравје и благосостојба. Денеска Делчево е преубаво, пребогато, а јас како градоначалник сум горд на ова што го гледам на велигденско украсените штандови. Горд сум на заложбите на нашите ученици, нивните наставници, нивните родители, но и на претставниците на културно уметничките друштва и институции кои со свои велигденски креации, покажаа дека традицијата е таа која нѐ поттикнува, нѐ препознава, ни дава смисла и ни ја гради иднината. Ви посакаувам убави празници, сплотени заедно со добра мисла, да го прославиме и овој Велигден, истакна Трајковски.
Изложбата имаше и продажен карактер, а собраните средства учесниците ќе ги доделат во хумани цели.
