Вонредниот надзор кој го спроведе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 5 до 11 март покажа дека радиото„Слободна Македонија“ емитува само музика. „Вкупно емитуваната 168 часовна содржина беше составена од музика, а радиодифузерот воопшто не го спроведуваше програмскиот концепт за кој му е издадена дозволата за радиоемитување“, пишува во извештајот.
Директорот на Агенцијата донесе решение со кое го опоменува Радиото и му наложува во рок од 30 дена од приемот на решението да го усогласи работењето со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според програмскиот концепт, радиото „Слободна Македонија“ треба да биде говорно радио со претежно информативен општ формат. 37,9% од застапеноста на содржините треба да бидат говорни, во текот на една недела.
Радиото Слободна Македонија, кое важеше за блиско до претходната власт, почна со работа во декември 2013 година на фреквенцијата на поранешното радио„Равел“ во Скопје, и на неколку други фреквенции низ државата. Според платформата „Медиа Педиа“, основач на радиото е Друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ од Скопје, а сопственик е Владислав Стајковиќ, брат на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, кој е обвинет во случајот „Трезор“ на специјалното јавно обвинителство.
Фирмата „НВСП“ е сопственик на кумановската К3 телевизија (поранешен „Златен канал“), се поврзуваше со Државна видеолотарија. Владислав Стајковиќ, пак, беше и управител на фирмата „Финзи“ преку која, СЈО во обвинението тврди дека биле испмупувани пари и бил оштетен буџетот на МВР.
В. Маглешов
