Во текот на изминатата ноќ како и во раните утрински часови на територијата на Република Македонија паднаа врнежи од дожд (на повисоките планини снег) кои беа пообилни во западните делови од земјата.
Според податоците од метеоролошките станици најголеми количини на дожд за 12 часа, до 08:00 часот, наврнаа во Пожаране 17 мм, Маврово 15 мм, Битола и Тетово 12 мм. Овие врнежи предизвикаа зголемување на водостојот на реките и тоа најмногу на оние во западните делови од земјата. Утринските податоците од хидролошките станици низ земјава не покажуваат зголемувања на водостојот во однос на вчерашниот, освен некои благи и незначителни покачувања на дел од водотеците.
Исто така забележано е и минимално зголемување на водостоите на природните езера во земјава. Охридското Езеро денеска бележи водостој 26 см над дозволениот максимум, додека Дојранското Езеро е на 7 см под границата на дозволениот максимален водостој. Поради силниот југозападен ветер и високото ниво на Охридското Езеро забележани се локални излевања долж неговото крајбрежје поради појавата на бранови.
Во текот на денешниот ден можно е благо зголемување на водостоите на дел од водотеците низ земјава, но тоа не се очекува да биде значително и со оглед на фактот дека интензитетот на врнежите полека стивнува и се очекува и нивно целосно престанување во текот на денот нема опасност од евентуални излевања на реките. И понатаму се очекува да продолжи високиот водостој на Охридското и Дојранското Езеро, а поради најавениот ветер и во текот на денешниот ден се очекува појава на бранови на Охридсото Езеро.
