На кумановскиот локалитет „Спомен Костурница“ се засадени 1.000 садници во тек на денешната акција во организација на здружението „Кумановски акцијаши“ со поддршка на локалната власт, граѓани, волонтери и екипи на ЈП „Чистота и Зеленило“.
Според градоначалникот Максим Димитриевски, волонтерите покажуваат дека сакаат поубава општина и зелен град. Тој се надева дека граѓаните ќе покажат одговорност кон новите садници. Најави дека во наредниот период ќе биде поставена нова урбана опрема.
Целта, појансува, е локалитетот целосно да се ревитализира и стави во функција на граѓаните. – Во моментов имаме имотно правни и законски пречки целиот простор да го ставиме под контрола, бидејќи во најголем дел е под надлежност на државата. Состојбата со него е повеќе од лоша, катастрофално со неодговорно однесување на одредени граѓани самиот локалитет е целосно уништен, осквернавен и верувам дека во иднина државата ќе најде сили да го ревитализира овој комплекс. За одржување ќе се обидеме со сопствени сили заедно со „Чистота и зеленило“, без оглед што не е наша обврска да ја преземеме таа одговорност и да ја одржуваме, изјави Димитриевски.
Волонтерите на „Кумановски акцијаши“, со претставници на здруженијата на воено-полициски ветерани, општинската организација на Црвениот крст и вработените во „Чистота и Зеленило“ во текот на последниве три акции насадија вкупно 3.000 садници, а според претседателот на здружението Јусуф Љатифи, успеале скоро сите садници.
Поддршка за вакви акции, како што вели директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Петрушевски, чија цел е зазеленување на градот, секогаш ќе има.
Општина Куманово веќе постави и нова рампа за лимитиран влез и излез на самиот локалитет Спомен Костурница.
