Убавината на кривичниот суд ќе дојде одвнатре, порача претседателот на Основниот суд 1 Скопје, Иван Џолев, на отворањето на новата зграда на Судот. Џолев изјави дека очекува да се смени перцепцијата на граѓаните за судството и судот да стане гарант на правдата и правичноста.
„Надворешниот дел на зградата беше готов во 2013 година. Разни луѓе различно ја доживуваа надворешноста, на некои им се доапаѓаше, а некои ја критикуваа. Кога сме кај убавината новата зграда ќе ја споредам со човекот. Лично сметам дека убавината доаѓа одвнатре, а не однадвор. Уште како мал ме учеа дека убавината доаѓа од внатрешноста. Убав човек е оној кој е убав одвнатре. Како и кај луѓето, така новиот кривичен суд убавината ќе ја креиара одвнатре, а ќе ја создадеме ние вработените во судот“, рече Џолев.
Верувам, додаде тој, дека во догледно време кривичниот суд ќе биде гордост на судството во Македонија. Гледано однадвор, рече Џолев, очигледно е дека кривичниот суд со новата зграда доби голем и репрезентативен објект за кој е сигурен дека ќе ги задоволи сите просторни потреби на Судот. Зградата располага со 25 судници, околу 100 канцелари, гаража, модерна техничка поддршка, внатрешен и надворешен видео-надзор, просторија за препознавање…
На отворањето присуствуваа заменик министерот за правда Оливер Ристовски, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, државниот обвинител Љубомир Јовески и други судии и обвинители.
Галена Николовска-Ризвановиќ
