Државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев денеска престојуваше во посета на Општата болница и Здравствениот дом во Дебар.
Тој се сретна со директорите на двете установи, како и со стручните колегиуми на установите. Целта на посетата беше да ги запознае со реформските процеси во здравствениот систем, со посебен акцент на припојувањето на двете установи во една, што претставува пред се, како што оцени, поквалитетна услуга на пациентите.
– Припојувањето на двете установи Општа болница и Здравствен дом што е дел од реформите во здравствениот систем, ќе донесе финансиска заштеда, но пред се поквалитетна услуга за граѓаните. Исто така сакам да нагласам дека ни еден од вработените нема да остане без работното место, рече Милошев.
Посочи дека Дебар, по Кочани е втора општина каде се реалзира оваа рефoрма, а во тек се активностите во Гевгелија и Кавадарци.
– До крајот на годината треба да заврши овој реформски процес во сите општини и во иднина новоформираните установи ќе го носат називот -Општа болница со проширена дејност. За Дебар веќе се направени сите анализи и следната недела ова прашање ќе се најде на дневен ред, додаде Милошев.
Од страна на директорите на Општата болница и Здравствениот дом, Баки Халили и Јетлум Пашоли, кои здравствени услуги пружаат на подрачје со околу 40 илјади жители, беше информиран за актуелните состојби во двете установи, во кои, како што беше посочено, се вработоени 164 лица, од нив околу 80 отсто здравствен кадар.
И двајцата го посочија проблемот со недостиг на лекари од општа пракса, но и специјалисти поради одливот на овој кадар во странство.
Со цел да се мотивира здравствениот кадар да остене тука, Милошев најави дека до крајот на годинава лекарите специјалисти ќе имаат 70.000 плата, додека зголемување од пет до 10 отсто на платите ќе има и за средно медицинскот кадар.
