Директорот на АВМУ за седум месеци потрошил околу 6.000 евра

Од:

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во периодот од 1 јуни до 31 декември 2017 година има направено трошоци од вкупен износ од 345.896 денари или околу 6.000 евра.

Според објавените податоци, Трајчевски за патување во странство потрошил 172.779 денари од кои за авионски билети 96.943 денари и за хотелско сместување 75.836 денари.

Во ставката трошоци за репрезентација во Македонија е наведена сума од 152.620 денари од кои за угостителски услуги за регионална конференција на регулаторни тела за медиуми се потрошени 76.000 денари, а за други угостителски услуги директорот потрошил 76.620 денари.

За службен мобилен телефон, Трајчевски потрошил 20.497 денари од кои месечен паушал 2.478 денари и трошоци за роаминг 3.151 денар.

АВМУ ги објави овие податоци, како што велат, во контекст на иницијативата на Владата за објавување на трошоците на носителите на јавни функции.