Една може и Акција Здруженска: И ДУП-от и зеленилото се прашања на родова еднаквост!

Од:

На 22 март 2018, во Салата на Советот на Општина Центар, се одржа дебата под наслов „Кон родово инклузивен буџет во Општина Центар“ организирана од Здружението за унапредување на правата на еднородителските семејства „Една може!“ – Скопје и Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска – Скопје во рамки на проектот „Застапување на родово инклузивни локални буџети“ поддржан од Цивика мобилитас.

На дебатата беа презентирани клучните наоди, искуства и препораки од мониторингот на процесот на подготовката на програмите и буџетот за 2018 година на Општина Центар. Освен дел од администрација на Општината, меѓу гостите беа Претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева Андреевска, Секретарот на Општина Центар, Маја Ралевска и Координаторката за еднакви можности на жени и мажи, Дрита Исени.

Меѓу клучните наоди беше истакнат недостатокот на консултации со граѓанките на општината за нивните потреби во процесот на носењето на програмите и буџетот на Општина Центар, делумната достапност на документи на официјалниот портал на Општината, недостатокот на кохерентен систем помеѓу секторите во Општината и отсуство на индикатори за следење на успешноста на мерките. Родова несензитивност во мерките на Општината и недостатокот од родовата анализа исто така беа истакнати во наодите, се вели во соопштението на Една може и Акција Здруженска.

Истовремено, Општина Центар е една од ретките општини кај што се споменуваат жените во Програмата на локалниот економски развој и има ажурирана Социјална карта, на која сепак се уште и е потребно внимание и работа. Отвореноста на Општината и соработката со мониторинг тимовите која ја имаа при процесот на следење се за пофалба.

Како препораки за Општина Центар, Една може! и Акција Здруженска предложија да се работи на поголемо вклучување на жените заради идентификација на приоритетните проблеми, прибирање родово релевантни податоци како основа за планирање на сите секторски програми и буџетот, подобрување на внатрешната координација и мерење на ефектите од програмите и мерките. Воедно, беше истакната потребата од поставување на прашањето на еднаквоста на жените и мажите во рамки на дебатата на Советот на Општина Центар.

Оваа средба е дел од активностите проектот на Акција Здруженска „Застапување на родово инклузивни буџети“, поддржан од Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ) од Шведска.

Општата цел на проектот е да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво преку зајакнување на капацитетите и поддршка на локалните женски невладини организации за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси, соопштуваат од Една може и Акција Здруженска.