Семакедонскиот национален совет „Македониум“, Христијанското братство и здружението „Тврдокорни“ здружени во една организација, „Народен фронт за спас на Македонија“ денеска преку протестен марш од портата „Македонија“ до Министерството за надворешни работи го изразија незадоволството од преговорите на македонската влада со Грција за промена на името.
-Протестираме директно против негаторите на македонскиот народ и идентитетот на Македонија. Не може Коѕијас денеска да дојде овде и да ни глуми пријател, а да бара да се делегитимираме самите себе пред светската јавност, вели Страшо Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет
Според него, грчкиот народ е окупатор на македонска територија поради вршењето геноцид врз македонскиот народ. Тој порача дека никогаш нема да се откажат од македонските браќа и сестри кои денеска се уште живеат во, како што кажа, беломорска Македонија.
Во врска со прашањето за името, Народниот фронт за спас на Македонија бара прекин на преговорите со Грција веднаш и поднесување барање до генералното собрание на Обединетите нации учество на Македонија под нејзиното уставно име.
-Ова што се случува тука е рушење и делегитимирање на самата држава и народ од нелегитимна власт составена од апатриди и терористи кои се амнестирани од политичарите, но не и од македонскиот народ. УЧК ја нападна државата, УЧК убиваше во Македонија, апсолутно се е надвор од нормалното, рече Олумчев кој јавно го повика претседателот Иванов да му го одземе мандатот на премиерот Заев поради прекршување на гаранциите под кои го доби истиот.
Народниот фронт за спас на Македонија протестот го заврши пред МНР од каде побараа, но не добија средба со министерот Димитров.
-На Димитров му е важно да биде министер, безразлика кој е на власт. Факт е дека со нивната политичка реторика, убиствена за Македонија, заговараат договор со Грција околу идентитетот на државата. Каде и да сме Македонци сме, крај за преговорите на името, вели Олумчев.
Виктор Јованов