Партијата Левица испрати демант на објавената вест на А1он.
„Врз основа на член 16 од Уставот на Република Македонија, бараме да извршите исправка на веста што ја објавивте во врска со нашата денешна прес-конференција, под наслов „Левица: Протестите пред домовите на пратениците се оправдани“.
Насловот воопшто не соодветствува на ставовите искажани на прес-конференцијата, ниту пак нашиот член Здравко Савески даде таква изјава. На новинарско прашање дали Левица ги поддржува протестите пред домовите на пратениците кои гласале за Законот за употреба на јазикот, нашиот член изјави:
„Правото на мирен протест е гарантирано право во Уставот на Република Македонија, но треба да се внимава да не се премине границата на уставно регулираното право и законски регулираното право. Граѓаните имаат право да го изразат своето незадоволство, но при тоа не смеат да ја нарушуваат безбедноста и човековите права на останатите граѓани без разлика колку не се согласуваат со нивните ставови и нивното поведение.“
Од овој став во никој случај не може да се извлече заклучокот дека Левица смета дека протестите пред домовите на пратениците се оправдани! Ниту пак сметаме дека тоа е главната поента што може и треба да се извлече од нашата прес-конференција. Сметаме дека ваквиот наслов не претставува обичен превид направен од ваша страна, туку свесен обид за нарушување на имиџот на Левица. И бараме, врз основа на правото на исправка, гарантирано со Уставот на Република Македонија, под итно да го објавите нашиот демант и јавно да ни се извините за нанесената штета.
Целата изјава на нашиот член можете да ја погледнете на овој линк, https://www.youtube.com/watch?v=97X5jGZu8qQ , од 3:46 до 4:17 минута.
Ставовите на Левица во врска со Законот за употребата на јазиците може да ги прочитате на следниот линк: https://levica.mk/2018/03/13/dvojazichnost“ се вели во демантот на Левица.
