Да им се овозможи социјална правда, социјална и здравствена заштита, како и образование на руралните жени во одредени средини каде патријархалната матрица си го направила своето, не можат да ги остварат своите права, немаат достапност до информации и не се свесни дека нивните права се повредуваат.
Ова беше истакнато на презентацијата на наодите од анализата на состојбата на жените во руралните средини на конференцијата што ја организираше Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, поддржан од Британската амбасада.
Извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Уранија Пировска рече дека станува збор за една традиција на страдање, на потчинетост на машката доминација и дека правата на жените во руралните средини се табу тема кај нас.
– Ние сега ја отвораме и треба многу да се работи на тоа. Често слушаме за девојчиња невести кои се продаваат, за девојчиња од 15 до 19 години кои раѓаат деца, не го завршуваат образованието, стапуваат во брак и служат како работна рака во своето семејство само заради тоа што се жени. Како граѓански организации тоа можеме да го кажеме како факт, но акцијата мора да дојде од страна на државата која е одговорна да им овозможи социјална правда, социјална и здравствена заштита и образование, истакна Пировска.
Додаде дека анализата ја гледа како основа што треба да и ги даде насоките на државата за тоа што треба да преземе во сите сегменти кои се опфатени во неа.
Ана Василева, истражувачка која работела на анализата рече дека во руралните средини каде нема примарна здравствена заштита, нема матичен лекар, жените во голем дел заради неинформираност заради тоа што системот не нашол начин да пристапи, да ги интегрира, остануваат неосигурани и иако имаат многу ниска заработка ги плаќаат здравствените услуги приватно само кога ќе им требаат.
– Значи нема превентива, редовни прегледи. Во селата каде има амбулатни многу е функционална здравствената заштита. Советот на Европа дава препорака да се промени начинот на пристапување и осигурување, можеби и законот за здравствено осигурување за да може полесно да ги интегрира овој тип испитанички. Во руралните области има мал број гинеколози. Во врска со малолетничките бракови за кои нема евиденција на државно ниво во таргетираните региони на возраст од 15 до 19 години има до 16 породувања, освен во општина Радовиш каде во 2014 година имало до 32 породувања, рече Василева.
Според неа, еден начин да се подобри пристапот до здравствени услуги во руралните средини е воведување мобилни амбуланти за полесно да се пристапи до овие жени.
Беше истакнато дека при анализата биле користени интервјуа во кои биле вклучени 57 жени, фокус групи каде 35 учеснички имале можност да кажат кои се потребите на жените од руралните средини…
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека многу фрагментирано се работело на одредени проблематики, ситуацијата не се согледувала целокупно, во таа смисла сите чекори, едукации, подобрувања на системот биле парцијални и заради тоа не вродиле со плод. Потенцира дека за овој краток период почнале со активности и имплементација на Акцискиот план со кој ќе се намали новороденечката смртност. Овој проект, посочи, го допира здравјето на жената и се однесува на подобрување на условите за здравствена заштита на жената и во руралните средини.
Според него, анализата која ќе ја направат тимови подржани од експерти од СЗО кои веќе се во земјава и од денеска почнуваат со посета на сите родилишта, ќе покаже во какви услови тие функционираат што ќе им овозможи да знаат во која здравствена установа која проблематика може успешно да се третира врз основа на соодветни критериуми.
– Едно родилиште за да биде акредитирано соодветно и според светски стандарди не е доволно да има само гинеколози, туку е потребно да има неонатололози и анестезиолози. Сакаме да направиме организиран и интегриран систем во кој државата таму каде има услови кои ќе го гарантираат квалитетот на здравствената услуга. А доколку условите за тоа не се исполнети заради недостиг на кадар кој е најсериозниот проблем, жените од руралните средини ќе бидат насочени кон други центри, рече Филипче.
Појасни дека работат на активности во врска со мобилните амбуланти, патронажната служба, домашната визита и квалитетот на здравствени услуги во сите институции.
– Мобилните амбуланти се нефункционални, возилата треба да се сервисираат, процес кој го почнуваме овие денови, а работиме и на тоа кои ќе бидат членови на тие тимови и кои средини ќе ги покријат. Голем предизвик е регрутирањето доктори и мораме да интервенираме со едукација на млади доктори. Во однос на патронажната служба геронтолошките сервиси во домашни услови сакаме да ги надградиме со медицински кадар кој ќе биде дополнително едуциран со модул на едукација и тоа да бидат тимови кои се повеќе ќе бидат присутни на терен. Очекуваме да добиеме донација на возила од еден кинески проект, нагласи Филипче.
Додаде дека во рамки на Министерството за здравство има активна програма за здравствена заштита на мајки и деца, се спроведуваат бесплатни прегледи и лабораториски испитувања во текот на бременоста, бесплатно породување за бремени неосигурени жени, жени Ромки, од социјално ранливи категории, лица без идентификација и бесплатно болничко лекување на доенчиња од неосигурени мајки…
