Преглед на ситуацијата во земјите од Западен Балкан и можностите за заеднички проекти за продолжување на поддршката на регионот беа теми на дводневната регионална конференција на амбасадорите на Германија и на Франција акредитирани во земјите од Западен Балкан, која се одржа вчера и завчера во Сараево.
Учесниците, како што соопшти француската Амбасада, дискутираа, меѓу останатото, за европската перспектива на земјите од регионот, за регионалната соработка, за јакнењето на владеењето на правото, за помирувањето, безбедносните прашања, улогата на жените и состојбата со ЛГБТИ лицата, како и за улогата на младите во рамките на средбата со генералниот секретар и заменик-генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
Франција и Германија имаат заеднички пристап кон земјите од Западен Балкан за поддршка на нивната одржлива стабилност, нивниот економски и општествен развој и европската интеграција, се додава во соопштението.
