Во Кривичниот суд денеска почна судењето за предметот „Тифани“ во кој за даночно затајување е обвинета новинарката Ивона Талевска.
Пред судијката Софија Лаличиќ, обвинителката Елена Јосифовска го презентира обвинителниот акт. Таа побара осудителна пресуда и плаќање на избегнатите обврски.
Според обвинението, Ивона Талевска како сопственик и управител на „Смарт центар“ ДООЕЛ експорт-импорт – Скопје и агенцијата „Смарт“ во периодот од 2008 до 2014 со намера таа и правните лица да избегнат плаќање даноци давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок.
Таа за наводните потреби на фирмите купила долна облека од 500 евра, облека во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично. Фирмите на Талевска не платиле даночни обврски во износ од 37.634 евра, а обвинетата не платила данок во износ од 16.924 евра.
