Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека јавноста е згрозена од неодговорноста и индолентноста на надлежните институции за скандалот со сексуалното злоставување на малолетно девојче згрижено во домот „25 Мај“.
– Ниту Министерството за Труд и социјална политика, ниту надлежните институции не излегуваат со конкретни податоци како и зошто е дозволено ваква трагедија да му се случи на девојче за чија грижа државата ја презела одговорноста. Уште помалку слушнавме и видовме конкретна одговорност за овој случај кој што ја потресе јавноста. Затоа ја прашуваме Министерката Царовска дали и какви мерки превзема против лицата кои затаија со својата грижа? Дали Министерката чувствува подеднаква одговорност со вработените кои биле алармирани за злоупотреба, а ништо не превземале? Дали Царовска е свесна дека овој случај и којзнае уште колку вакви случаи требало да се прикријат, да не се случело девојчето да забремени?, запраша Андоновска.
Таа праша дали и колку се сигурни децата за кои државата се обврзала да води грижа.
– Очигледно за неколку месеци се случи целосен крах на системот во државата, поради неспособноста и неодговорноста на власта која се преслика во работата на сите институции во државата. Јавноста очекува одговори и најважно од се одговорност. Недозволиво е во надлежното министерство да се кријат зад Комисии, некакви анализи или пост фестум истраги. Се работи за физичкото и психичкото здравје на малолетници за кои државата, органите и пред се носителите на функции се директно надлежни и одговорни, рече Андоновска.
