ВИДЕО: Граѓаните масовно донираа за Доневи, надлежните институции ги нема никаде

Од:

По објавата на А1он и „Макфакс“ за алармантната ситуација во која се наоѓа семејството Доневи од струмичкото село Дражево, голем број граѓани од цела Македонија се обратија до нашата редакција со цел да му помогнат на ова социјално загрозено семејство. Хуманите граѓани донираа пари, топла, облека, храна, обувки, средства за лична хигиена, средства за перење, како и дрва за огрев.

-Им благодариме на сите кои донираа, ова многу ни значи, колку-толку ни помогнаа да ја преживееме зимата, која, за наша среќа, не е толку сурова како минатата година, вели Стоил за А1он и „Макфакс“.

Овие намирници ќе бидат доволни за семејството за наредните неколку недели, но очајно им е потребна попрaвка и реновирање на куќата во којашто живеат. Домот буквално е пред распад, студениот ветер низ дотраените прозорци и врати директно продира во собата каде што престојуваат, па ова семејство, особено дваесетгодишните ќерки Марина и Душка имаат потреба од лекарства поради честите заболувања. Доневи немаат ниту тоалет, вршат нужда и се бањаат зад распаднатата куќа, во дупка која Стоил сам ја ископал.

Марина и Душка, и покрај здравствените проблеми, заедно со својот татко Стоил секојдневно одат во Струмица каде што собираат старо железо и пластика од отпадите за да заработат парче леб. Ова семејство пред неколку години добивало 6 илјади денари социјална помош, но поради нивите кои Стоил ги поседува уште од неговите предци, оваа помош му е скратена на 2500 денари иако никој од семејството не е способен да ги обработува нивите.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по објавата за лошата ситуација во која се наоѓаат Доневи, испрати екипа од Центарот за социјални работи од Струмица, која ја увиде состојбата на ова семејство и донираше дополнителен еднократен износ.

Царовска ја обвинува неефикасноста на постоечкиот систем поради неможноста на институциите да излезат во пресрет на семејствата од овој вид. Но, актуелната министерка најави дека реформите на социјалната заштита се врвен приоритет во Министерството.

-Целта е да изградиме похуман систем и да ја зголемиме финансиската поддршка за ранливите за излез од сиромаштија. На многу семејства им е потребна лична, човечка поддршка во секојдневниот живот, многу повеќе од финансиската. Новиот систем ќе го овозможи тоа. Многу брзо овие луѓе мора да имаат шанса да се одлепат од дното, да добијат поддршка што ќе ги охрабри и зајакне, што ќе им го врати достоинството, вели Царовска.

Стоил, Натка, Марина и Душка веќе подолго време преживуваат во нечовечки услови, но без разлика на тоа, во ова семејство преовладува оптимизмот и надежта за подобро утре. И покрај тешката финансиска состојба во која се наоѓаат, кај Доневи се чувствува семејната атмосфера и блискоста што ја имаат меѓу себе.

Доколку сакате да донирате за ова социјално загрозено семејство, контактирајте не преку Фејсбук или пак на мејлот [email protected]

Виктор Јованов