(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба: Нашата советничка група не е против изградба на фекална канализација во Јурумлери

Од:

Тони Бојковски, Советник во Советот на општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека градоначалникот, Борис Георгиевски ја манипулира јавноста и жителите на населеното место Јурумлери.

– Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За Подобра Македонија не е против да се изгради фекална канализација во Јурумлери како што е потребно да се изгради фекална канализација и во сите оснатани населени места во кои нема. ВМРО-ДПМНЕ во минатото владееше со Општина Гази Баба. Во нашиот мандат беше изградена атмосферка и фекална канализација во должина од 80 километри единствено со средства на Општина Гази Баба, Град Скопје и Владата на Република Македонија, сите предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Се изгради комплетна канализација во Инџиково, Питу Гули, Кадриово маало, Економија, Синглиќ, Стајковци а се започна со изградба на канализација и во Црешево и Хиподром 2. Се изгради и фекална канализација за жителите на Товарник како и за жителите на улица Палмиро Тољати во населба Ченто. За сите овие активности ВМРО-ДПМНЕ не ја задолжи Општина Гази Баба со ниту еден денар кредит, изјави Бојковски.

Тој додаде дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во ниту еден момент не го блокирала Советот на општина Гази Баба, туку дава поддршка на сите проекти за доброто на жителите на општината.

– Го прашуваме Градоначалникот Георгиевски зошто за наведениот проект не обезбеди финансиска поддршка од централната Власт и Градот Скопје како што тоа беше пример во минатото кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ? Зошто за реализација на само еден проект сака максимално да ја задолжи Општина Гази Баба преку земање на кредит со максимален износ на задолжување? Го повикуваме Градоначалникот Борис Георгиевски да започне со работа и со реализација на ветувањата дадени пред жителите на Општина Гази Баба. Поминаа 100 дена од неговиот мандат а тој се уште нема реализирано ниту еден проект од животот кој му го ветуваа на граѓаните на Општина Гази Баба, рече Бојковски.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата советничка група секогаш ќе дава поддршка на сите проекти кои носат добро на жителите на Општина Гази Баба бидејќи граѓаните на последните избори ја дадле довербата да го предводат Советот на Општина Гази Баба и тие тоа ќе го исполнат.