Врнежите кои паднаа изминативе 48 часа предизвикаа покачување на водостоите на сите реки во Република Македонија. Дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците се јави и поради топењето на снегот како последица на релативно високите температури и појавата на јужен ветар во планинските предели покриени со снег. На одредени локации имаше појава и на интензивни поројни врнежи кои предизвикаа локални поројни поплави. Вакви појави бележиме во тетовско, кичевско и охридско (ЦУК).
Како последица на заменото дејство на врнежите и топењето на снегот особени покачувања на водостоите се јавија во сливовите на реките Радика, Вардар(горен тек), Треска, Кичевска, Мала Река(Самоков), Црн Дрим, Сатеска, Коселска, Црна Река(горен тек),…
На нашите хидролошки станици се уште бележиме високи водостои и тоа на реките Вардар кај Јегуновце, Радуша, Скопје(мало корито), на р.Пена кај Тетово, р.Треска кај Македонски Брод, р.Радика кај Бошков Мост, р.Сатеска кај Ботун, р.Голема кај Ресен, а моментално критични водостои бележиме на р.Треска, р.Вардар, Боротинско Блато, р.Пчиња.
Според најавата на синоптичарите за намалување на врнежите, очекувано е и намалување на притисокот врз реките со нови водни количини, и тоа прво во погорните делови од сливовите, а потоа и низводно.
Тенденција на намалување на водостоите веќе бележиме на р.Пена, р.Радика, р.Сатеска, р.Голема.
Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците, а особено во сливовите на реките Треска, Вардар (горен тек гостиварско и тетовско), Црна (горен тек крушевско, прилепско, битолско), Сатеска, Радика, Црн Дрим, преспанско,…
