ВИДЕО: Законот за јазици е сепаратистички и предизвикува омраза, велат организаторите на протестот пред Собранието

Од:

Група граѓани пред Собранието повторно бараа повлекување на Законот за јазици, бидејќи како што велат, го потчинува македонскиот јазик, но и македонскиот идентитет. Организаторите ги поздравија и притворените за настаните од 27 април, за кои побараа ослободување бидејќи биле неосновано приведени. Страшо Олумчев од „Семакедонскиот национален совет“, вели дека иако бројката на демонстранти е мала, тоа не ја одразувала волјата на граѓаните. Тој не посочи кои членови од предлог-законот се спорни.

„Мене ме провоцира фактот што ниту една од политичките партии не бара попис. Кој тоа тврди дека албанците се 20 проценти во одредена општина или Македонија? Она што е впечатливо како факт е тоа што тие се закануваат со казни поради непознавање на албанскиот јазик од страна на македонскиот народ. Државен јазик е македонскиот јазик. Ова што се случува е спроведување на тиранската платформа“, вели Олумчев.

Пред Собранието има и пункт каде граѓаните се потпишуваат за да Собранието не го застапува нивниот став и не одлучува во нивно име. На оваа иницијатива, досега, се потпишале околу 2000 граѓани. На протестот, претседателот Иванов беше повторно прогласен за кукавица, а пак власта не била граѓанска. Претседателката на „Преродба“, Бабинкова-Михајловска, на денешниот протест рече дека овие чекори на актуелната власт е израз на непринципелна политика, каде дипломатијата не е присутна.

„Ова е добивање поени за лични интереси, со распродажба на највисоките свети заложби и интереси. Ќе протестираме додека не се донесат протесните барања. Ние кога ги најавувавме протестите, секаде кажувавме дека е мирољубив собир. Никогаш од оваа говорница, јас не сум говорела да подгревам меѓуетничка омраза. Секогаш нашата осуда беше насочена кон македонските претставници во власта. Носењето на овој закон е сепаратистички и ќе предизвика дополнителна омраза. Политичарите предизвикуваат меѓуетнички тензии“, рече Ана Бубинкова Михајловска претседател на здружението на граѓани „Преродба“.

Според Бабинкова-Михаловска, на овие протести не се шири национализам, туку ова е борба, порив за опстојување кој не е насочен кон никого.

К. Ландов