Првата дама на Македонија, Маја Иванова, по повод празникот Божиќ, денес ги пречека коледарите во Вила Водно. Таа вели дека како семејство секогаш ги почитувале верските и традиционалните вредности, и дека се поборници на враќање и на христијанските духовни вредности. На децата семејството Иванови им подарија пригодни пакетчиња.
„По традиција на овој голем ден Бадник, имаме среќа и радост во нашето семејство. Наши гости се децата кои што со Бадникарската поворка, ја донесоа литијата во нашиот дом, ја испеаа христијанската песна „Вечниот бог“ и со тоа го најавија Христовото раѓање. Како семејство, секогаш сме ги почитувале верските и традиционалните вредности, а сме поборници и за враќање на христијанските духовни вредности. Во името на моето семејство и нашите денешни гости, ви ги честитаме Божиќ и Бадник“, рече сопругата на првиот човек на државата, Маја Иванова.
Таа посака Христовата светлина да влезе во секое христијанско семејство, со тоа да донесе здравје, среќа и љубов.
К. Ландов