По осум месеци, Јавното обвинителство конечно го соопшти ставот кој срамежливо го најавуваше-дека го затвора случајот со докторката Јелка Спасовска-Масин како самоубиство.
Дали случајот се затвора колку да биде пишан како „успешно решен“ или има друга заднина? Обвинителството ќе мора да се потруди да објасни детално, за да не биде и овој случај како „самоубиството“ со кофа вода во затворот. А1он и Макфакс уште пред два месеци ја имаа информација дека за случајот нема цврсти докази ниту дека е самоубиство, ниту цврсти докази дека е убиство-но дека има решеност да биде „успешно решен“.
Што кажува „решениот случај“ на обвинителството?
Според обвинителството, произлегува дека докторката сама се бодела во вратот, дури три пати.
Информациите до кои дојде А1он беа дека првин еднаш си го забола ножот, а веднаш потоа си нанела убод од 4 сантиметри, за и покрај тоа, да си нанесе трета рана со убод од 12 сантиметри.
Студиите и анализите направени за самоубиства со самоубодни рани покажуваат дека ова го има само кај 1,6 отсто од целата популација, а тие биле последица на трауми. Но, смртноста од вакви рани е екстремно ниска и е само кај машката популација.
Според верзијата на обвинителството докторката паднала назад на глава, а нема хематом на главата од ударот.
Нема одговор, каде е дел од прстот што недостасува кај докторката? Нема одговор и зошто и е отсечен дел од прстот? Според информациите до кои дојде А1он, докторката до полноќ пишувала научен труд на својот комјутер. Според обвинителството, произлегува дека после тоа станала и одлучила да се самоубие. Не се одговорени ниту прашањата дали некој го поместувал и местел телото на докторката?
Не е познато дали се испитани сите околности-кој се поседувал клуч од станот во кој беше пронајдено нејзиното тело? Дали сите кои имале алиби се проверени дали лажат или не, дали биле ставени на детектор за лаги? Дали некој имал мотив да ја убие?
Поради сите овие неодговорени прашања, А1он дознава дека семејството на докторката ангажира странски детективи, од кои очекуваат да го расветлат целиот случај. Според информациите тие не верувале во институциите, ниту во она што го сработиле или поточно, што не го сработиле институциите.
Токму обвинителсвото од судска медицина два месеци чекаше дообјаснување на кој начин ѝ се нанесени повредите на докторката Јелка Спасовска-Масин, иако од таму најавија дека тој ќе биде доставен за една недела.
Ова дополнување беше наведено како клучно за истрагата зошто немаше докази да се заведе случајот како самоубиство.
Што толку клучно доби обвинителството за да може со сигурност сега да тврди дека се работи за самоубиство?
