Девета година по ред, студентите на медицина, ММСА (Македонска Медицинска Студентска Асоцијација) при УКИМ, Скопје, ја организираат нивната хуманитарна акција СОС „Дедо Мраз“. Оваа година успеаја да соберат рекордни 1106 новогодишни пакетчиња.
Акцијата траеше од 16-ти до 24-ти месецов, а во неа учествуваа преку 60 волонтери – студенти на медицина од различни години, кои собираа донации во маркети во Скопје.
Овој проект минатата година беше избран за најдобар проект на глобално ниво од страна на ИФМСА (Интернационална Федерација на Медицински Студентски Асоцијации).
– Делењето на пакетчињата е веќе започнато и истите се наменети за децата кои се наоѓаат на Детската Клиника, Клиниката за Инфективни болести, Детска Хирургија, потоа О.У. Златен Сремец, Ресурсен центар СОС Детско Село – Ченто и Шуто оризари, Дневен центар „Надеж“, Завод за рехабилитација за деца и младинци – Топанско поле. Исто така, посебното основно училиште „Иднина“ – Чаир, социјално загрозени семејства и бројни други локации сеуште ги очекуваат своите пакетчиња, кои ќе ги добијат во следниве денови. Со ова, не само што студентите ја покажаа својата хуманост како главна одлика која што треба да ја има еден доктор, туку докажаа дека и во нашиот град Скопје постои еден хуман дух, кој што не обединува сите за заедничко добро, се вели во соопштението на ММСА.
