Седумгодишниот Огнен и десетгодишната Марија Христовски принудени се секојдневно своите училишни задачи да ги изработуваат на свеќа бидејќи веќе две години немаат струја во куќата каде живеат.
Владимир Христовски, самохраниот татко на овие две малолетни деца, секое утро се буди во солзи и со помислата дали неговите деца ќе имаат што да јадат. Освен пензијата на тешко болната мајка на Владимир, семејството Христовски нема никаков прилив на финансии. Вкупниот долг на ова семејство за електрична енергија изнесува над 150 илјади денари.
Семејството Христовски е на самиот раб на егзистенција, тие не користат социјална помош, а домот во кој живеат во најмала рака може да се нарече дека е пред распад, ѕидовите се полни со влага поради протекувањето од разрушениот покрив. Огнен и Марија константно се изложени на провев поради старите и дотраени прозори и врати кои не можат да го задржат ладниот воздух кој влегува од надвор.
Редакцијата на А1он пред две недели го одбра семејството Христовски да учествува во хуманитарната акција во „Сити мол“, каде се собираат донации. Дел од медиуми објавија за ова социјално загрозено семејство и преку свои стории помогнаа да се соберат симболични средства за Огнен и Марија да не ја дочекаат Новата година на празна трпеза. Сепак, нема успех во однос на сметката за електрична енергија, поради што домот е во темница. По објавените стории на неколку медиуми, семејството добило само облека и дрва за греење.
Таткото на Огнен и Марија уште минатата година се обратил до надлежните институции и Министерството за труд и социјална политика по што дошле во посета на увид на состојбата, но не презеле никакви конкретни мерки за помош.
Владимир пред неколку години работел во градежна компанија каде еден ден при работа паднал од камион по што ги повредил вратните пршлени и повеќе е неспособен за тешка физичка работа. Тој апелира до сите хумани граѓани доколку се во можност колку толку да им помогнат за, како што вели, да го преживеат овој тежок зимски период.
Ова е трансакциската сметка на Христовски за сите хумани луѓе кои сакаат да му помогнат на ова семејство.
Тутунска банка
Марија Христовска
210 5016899938-98
Виктор Јованов