Федерацијата на производители на органски производи на Македонија (ФПОПМ) е партнер во проектот “Кон фарми со нула јаглероден, отпаден и воден отпечаток. Патоказ за одржливи стратегии за управување со Балканскиот земјоделски сектор – BalkanROAD” што ќе се спроведува во пет земји (Грција, Кипар, Бугарија, Македонија и Албанија) од страна на 7 организации.
На 6 декември 2017 година, во Атина, Грција, се одржа транснационалниот состанок на проектот BalkanROAD. Настанот беше организиран од Бенаки Институтот за фитопатологија (Benaki Phytopathological Institute), од Грција кој е водечки партнер на проектот. На овој состанок проектот успешно стартуваше, а партнерите ги договорија следните чекори, неопходни за успешно спроведување на активностите предвидени во проектот. Состанокот се одвиваше во конструктивна атмосфера, воден од страна на домаќинот – Бенаки Институтот за фитопатологија.
Балканскиот земјоделски сектор се соочува со големи предизвици во поглед на управувањето со необновливите ресурси и емисиите на стакленички гасови. Иако некои земји прикажуваат позитивни показатели во развојот, сепак, континуираната економска криза, ниското ниво на партиципација и преземање на иницијативи од страна на локалните и регионалните власти и малиот капацитет и ниското ниво на образование на земјоделците во Балканот, во споредба со другите европски фармери, го попречуваат усвојувањето на иновативни пристапи и усогласување на балканското земјоделство со политиките на ЕУ, главно на ниво на фарма и на локално ниво.
Концептот на проектот вклучува зајакнување на подготвеноста на земјоделците да ја заштитат животната средина, но исто така и нивната засегнатост во развојот на своите вештини, со цел да ја модернизираат и да ја зголемат својата профитабилноста преку пристап на пазарите во ЕУ и меѓународните пазари. Поради ова, проектот BalkanROAD ќе обезбеди алатки и политики за економски развој, преку усвојување на практики за заштита на животната средина, што е силна мотивација за земјоделците да ги усвојат и да ги имплементираат резултатите на проектот.
Проектот BalkanROAD има два правци, кои ќе бидат комбинирани и интегрирани во еден вид на “Балкански патоказ“ кој се очекува да отвори нови трговски можности за балканските земјоделски производи, поттикнувајќи ги и локалните и националните економии; имено:
– да се подобри балканскиот земјоделски амбиент преку развој на стратегии, методологии и технологии за зачувување на природните ресурси (почва, вода, воздух), намалување на емисиите на стакленички гасови, намалување на создавањето и депонирањето на отпадот и зголемување на рециклирањето и повторната употреба на ресурсите во земјоделското производство;
– да се развие заеднички „Балкански“ Протокол за производство на земјоделски производи со еко-ознака, воведувајќи одржливи практики низ целиот производен процес (т.е. од поле до пазар), така што крајните производи ќе имаат мерливи, споредливи и најниски можни негативни влијанија на животната средина.
Целосно автоматизиран, сеопфатен, но исто така и флексибилен систем (ROAD софтвер) за евидентирање, пресметување и известување за влијанијата врз животната средина на земјоделските практики, ќе биде тестиран и демонстриран во 3 земјоделски пилот фарми во Грција, Бугарија и Македонија.
За да се обезбеди одржливост на резултатите на проектот, веќе е воспоставена мрежа од засегнати чинители “ПАТ за Балканското земјоделство”, кои се подготвени да ги следат резултатите на проектот, и да ги претстават своите видувања за време на интернационалните настани и да ги споделат податоци и информации во пошироките земјоделски, пазарни и општествени кругови, во кои тие припаѓаат.
Проектот “Кон фарми со нула јаглероден, отпаден и воден отпечаток. Патоказ за одржливи стратегии за управување со Балканскиот земјоделски сектор – BalkanROAD” е финансиран од Европската унија, во рамките на програмата “Balkan-Mediterranean 2014-2020” и ќе трае две години од 08.09.2017 до 30.08.2019.
