Во публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“ на авторката Мирјана Лазарова-Трајкова се наведува дека е невозможно функционирање на демократските процеси во кое било општество без право на слобода на изразување.
– Колку е подемократско општеството, толку е поголема слободата на изразување, бидејќи толеранцијата, почитта кон искажаното и кон индивидуалните мислења се едни од најважните елементи за напредок, се вели во публикацијата.
На промоцијата Лазарова-Трајковска кажа дека целта на публикацијата е да се даде генерална слика за обврските на државата во однос на правото на слободата на изразување, како и да се посочи на заемната поврзаност и упатеност на ова право со другите слободи и права гарантирани со Европската конвенција за човекови права.
Според неа слободата на изразување оди рака под рака со обврските и одговорноста на етичкото новинарско постапување, кое значи почитување на правата и слободите на другите и презентирање на информации кои ќе почиваат на добра волја да се покренат теми од јавен интерес.
Оваа година Република Македонија ја доби и првата пресуда во Судот во Стразбур поврзана со новинарската слобода на изразување и правото да се пренесуваат информации од јавен интерес.
– Имајќи го предвид фактот дека пресудата „Селмани и другите против Република Македонија“ со самото објавување привлече посебно внимание во Европа и пошироко, во оваа анализа и посветив посебно поглавие, рече Лазарова – Трајковска и посочи дена тие пресуди не се против Македонија, туку за Македонија.
