Околу 95 отсто од граѓаните во Македонија се здравствено осигурани

Од:

Околу 95 отсто од граѓаните во Македонија се осигурани со универзалното здравствено осигурување, а забележана е и разлика во бројот на граѓани на кои државата им го плаќа осигурувањето и оние кои по статистички податоци се сиромашни. Постојат и неусогласувања во она што државата го плаќа и системот реално троши на нив.

Ова го покажуваат резултатите од анализата „Здравството меѓу фискалните притисоци за поголеми инвестиции и потребата за подобро здравје на граѓаните“. Таа опфаќа податоци и за тоа колку граѓани се здравствено осигурани, какви услуги добиваат, како да се унапреди системот на здравствено осигурување и како да се минимизираат слабосите.

– Во Македонија 95 проценти од населението е здравствено осигурено. Во останатите пет проценти најголем дел се лица кои немаат документи, најчесто Роми и бездомници. Има голема разлика во бројките на лица пријавени како сиромашни со цел државата да им го плати осигурување и статистичката бројка на сиромашни лица. Тоа, покажува дека во овој дел има одредени слабости на кои е потребно да се работи, рече Маја Парнаџиева Змејкова, експерт од оваа област.

Таа кажа дека спорен е делот на разликата на издвоените средства од државата за овие лица – 880 денари и колку реално се троши – 1440 денари. Змејкова забележува дека 300 илјади граѓани се ослободени од партиципација и дека голем број од лековите се плаќаат приватно.

Рубин Заревски, од Фармацевтскиот факултет кажа дека анализата има цел на транспарентен начин да долови кои се суштинските проблеми во здравствениот систем и да предложи решенија кои би помогнале да се подобри. Нетранспарентноста на податоците и субјективноста при одлучувањето за сите прашања се според него главните проблеми.

– Тоа не може да биде предмет на субјективно одлучување, туку да се прави врз основа на одредени принципи и правила, рече Заревски.