Министерката за образование и наука Рената Дескоска на дебатата за унапредување на остварувањето на правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението рече дека се работи на обезбедувањето соодветни учебници за тие заедници и надминување на десетгодишната пракса на босанскиот јазик како експериментален во наставата.
Таа додаде дека е формирана работна група во МОН која ги дала своите први препораки и сега е на потег Бирото за развој на образование да ги достави наставните планови, кои после треба да бидат усвоени во министерството и да започне реализацијата.
– Градење соодветен наставен кадар е еден од најголемите предизвици бидејќи ние можеме на хартија се да воспоставиме, може да се преведат или напишат најдобрите учебници, но ако немате соодветен кадар кој тоа ќе го ефектуира во наставата, тогаш навистина имаме проблем, рече Дескоска. Потенцира дека е потребна измена на концепцијата и враќање на предметите кои се однесуваат на изучување на јазикот и културата на етничките заедници, без оглед дали има или нема настава на нивниот јазик.
Според министерот за култура, Роберт Алаѓозовски културата на помалубројните заедници е големо богатство кое што заслужува почит и внимание. Тој говореше за Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Македонија, која што е дел од Министерството за култура од 2003 година, но поради неразработена легислатива се уште нема статус на правно лице, свој буџет и не може да биде носител на проекти.
