Владата ја усвои Стратегијата за реформа на правосудството и предлог-законот за амнестија

Од:

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) со Акциски план.

Со оваа предлог стратегија се даваат насоки, правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци како од нормативен така и од институционален карактер. Стратегијата е проследена со Акциски план кој содржи активности,мерки и рокови со чие спроведување се очекува да се достигне крајната цел на стратегијата – враќање на довербата во институциите преку обезбедување на правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните.

Нацрт-Стратегијата пред да биде доставена во владина процедура за нејзино усвојување, беше во три наврати доставена на мислење до Европската Комисија.

На седницата владата го разгледа и усвои Предлог – законот за амнестија, и го задолжи Министерството за правда да го преработи текстот на Предлог – законот за амнестија, како текст на предлог – закон кој се носи во редовна постапка и да предвиди одредба со која ќе биде дефиниран датумот, дека истиот се однесува за кривични дела предвидени со одредбите од овој предлог – закон сторени до 20.9.2017 година.

Владата ја истакна потребата од организирање на јавна расправа и отворена дебата на оваа тема и го задолжи Министерството за правда истите да ги организира по текстот на одредбите од Предлог – законот, и пред владата да достави нов пречистен и усогласен текст на Предлог – законот за амнестија, откако ќе измине периодот на консултации и откако ќе завршат јавните расправи и отворени дебати.