Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес со пригоден говор ја отвори конференцијата „100 жени претприемачки“, која се одржува во Скопје.
„Во време кога глобализацијата ги руши границите помеѓу државите и гради линкови на поврзување и меѓусебна зависност низ целиот свет, развојот на општеството и економијата не можеме да го оствариме доколку ги втемелуваме на стереотипи кои жената ја врзуваат само за домот, за семејството“, рече министерката Апостолска во своето пригодно обраќање, при што истакна дека во 21-век определбата на жените за воспоставување на рамнотежа помеѓу семејството и кариерата не е конфликтно, туку напротив, овие две животни перспективи меѓусебно се надополнуваат и надоградуваат.
Министеркта Апостолска нагласи дека борбата против културните ограничувања кои едно општество ги поставува во однос на жените претприемачи станува темелна потреба, доколку сакаме да оствариме долгорочни економски резултати.
„На тој начин ќе се ослободи еден огромен економски потенцијал кој со децении лежи потиснат кај женската популација“, рече Апостолска.
Во својот говор министерката се осврна и на потребата од успешни бизнис приказни на жени претприемачи, како дополнителен импулс за промена на претпремачката филозофија кон поголема инклузивност на жените.
„Отворањето на фронтовите кон стереотипите втемелени во традициите на 19 и 20 век, не би било доволно за постигнување на саканите резултати. Затоа во предизвикот за промена на целокупното културно милје нужно е вклучување и на институциите, на државата, на Владата, на сите политички чинители од локално па се до централно ниво“, рече Апостолска.
Министерката истакна дека Владата на Република Македонија во своите политики демонстрира посебна отвореност и во своите определби за остварување на позитивни економски резултати се дававаат подеднакви можности за сите бизнис иницијативи, вклучувајќи ги и оние кои доаѓаат од жените.
„Планот за економски раст на Владата води кон градење на стабилна и предвидлива бизнис клима за инвестирање, кој ќе донесе подобар животен стандард. Со овој економски амбиент очекуваме дека жените кои сакаат да реализираат претпремачки идеи ќе пронајдат дополнителна мотивација за отпочнување на реализација на своите бизнис идеи. Но, и оние жени кои водат сопствени бизниси, може да очекуваат поддршка за компаниите со владиниот пакет на економски мерки за остварување на долгорочен раст и развој“, рече Апостолска.
Министерката изрази уверување дека жените умеат да го направат потребниот исчекор и да ја променат сликата за бизнис заедницата во Македонија, зголемувајќи го учеството на жените претприемачи во неа.
„Економските определби на Владата надополнети со иницијативи од типот на „100 жени претприемачки“, може да помогне во промена на деловната клима, од родов аспект, и во блиска иднина да имаме не само повеќе компании во сопственост на жени или раководени од жени, туку жената се почесто да се гледа и на чело на големи компании“, рече Апостолска на крајот од своето обраќање.
Конференцијата „100 жени претприемачки“ е организирана од страна на „Касиа Ивентс“ и истата претставува мотивациски настан на кој присуствуваат жени претприемачи од повеќе балкански земји.