ИЈЗ: Околу 46 отсто од граѓаните пушат, а 65 отсто консумирале алкохол во последниот месец

Од:

Од македонските граѓани на возраст од 15 до 64 години активно пушат 46 отсто, 65 отсто консумирале алкохол, 24 отсто во последниот месец користеле седативи, а околу 40 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето „Употреба на паихоактивни супстанции меѓу општата популација во Република Македонија“.

Активни пушачи помеѓу граѓаните од 15 до 34 години има 40,2 отсто, додека 76 отсто од граѓаните во таа категорија консумирале алкохол. Околу 15 отсто користеле канабис, а 14 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, а дури 60 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец.

Истражувањето било спроведено на 5.005 испитаници во скопскиот регион, а според доктор Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје, Македонија е пушачка нација.

Како што соопшти таа, најчесто дрога користат лицата на возраст од 17 до 27 години, со исклучок на кокаин, кој што најчесто го користат лица над 30 години. Марихуаната е најчесто користена дрога, и како што кажа Ончева, мажите користат повеќе супстанции за разлика од жените кои повеќе користат седативи.

Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети кажа дека околу 5 отсто од децата на возраст од 15 и 16 години се изјасниле дека пробале барем еднаш до два пати марихуана.