Некои потешки зборови во врска со историјата поврзана со Бугарија во нашите учебници треба да се избегнуваат, но се до оној момент додека не се негира или потценува еден историски факт, изјави за А1он професорот Илија Ацевски по изјавата на премиерот Зоран Заев дека терминот „фашистичка Бугарија“ треба да биде изваден од учебниците бидејќи тоа е на некој начин навреда за нашиот источен сосед.
Според него, историските факти не треба да се занемаруваат, туку може да бидат во позадина и да не се употребуваат одредени груби зборови кои ќе ги заладува односите помеѓу двата народи.
Ацевски смета дека со овој договор треба да се постапува внимателно бидејќи во спротивно Македонија би имала големи последици. Од една страна внатрешен конфликт во државата, а од друга страна опструирање на интеграциските процеси на Македонија во ЕУ и НАТО од страна на Бугарија.
-Треба да се биде максимално внимателен во тоа да не се заоструваат односите внатре во Македонија. Некои остапки треба да се прават, но треба да се биде умерен како и ние би имале бенефит, вели Ацевски.
Тој смета дека секое насилничко барање од власта без разлика на целите би било контра ефективно што создава понатамошна поделба на Македонците.
-Тоа се осетливи работи особено кога станува збор за договорот со Бугарија. Не би требало сето тоа да се нагласува, но не би требало ни да се занемари до крај. Треба да стои дека некој нешто во историјата направил, како и што го интерпретираат сите други народи како Србија, Грција, Албанија. Ако во нивните учебници стои дека бугарите условно кажано имале друга мисија, а не онаа која е навистина историски потврдена, односно да ја окупираат Македонија, тогаш тоа би било контра продуктивно барем во една психолошка смисла што ќе доведе до понатамошни последици, вели Ацевски.
Личниот став на социологот е дека присвојувањето на Цар Самоил од страна на Бугарите може да биде исто толку оправдано колку што е од страна на Македонците односно дека Бугарија има право да го присвои Самоил исто како и ние што имаме право на истото.
Ацевски смета дека тешко може да се дефинира дали Македонија губи или добива од договорот со Бугарија, и дека најважно од целата ситуација е овој договор да не ги заострува односите внатре во Македонија.
-Ако се случи тоа, тогаш ние ќе имаме многу повеќе штета отколку корист без разлика дали се работи за тоа дали ние ќе влеземе во Европската унија, вели Ацевски додавајќи дека во договорот нема ништо стравично се до оној момент додека не се доведат во прашање некои фундаментални права и идентитетот на државата.
На прашањето дали со договорот со Бугарија се навлегува во идентитетот на Република Македонија, Ацевски рече дека не може да се каже конкретно, но според него има некои елементи кои што значат една непотребна остапка.
-Треба да постои една црвена линија и да се знае дека после таа линија не може да се оди без разлика дали ќе влеземе во ЕУ или НАТО, затоа што цената подоцна ќе биде многу поголема. Нема играње со идентитетот, тоа се враќа со стравични закани за нормалното живеење на една нација. Не треба да го изгубиме нашето достоинство и по секоја цена да влеземе во ЕУ, вели Ацевски.
Виктор Јованов
