Кежаровски: Кога ние четворица живеевме во 8 квадрати без проблеми, во Македонија има простор за сите убаво да живеат

Од:

Новинарот Томислав Кежаровски вечерва во Универзитетот ФОН ја промовираше својата книга „Живот во Кутија“. На промоцијата присустуваа актери, професори, новинари, а меѓу присутните беше и премиерот Зоран Заев.

– Во затворот пишував на кутии од цигари, на различни белешки, на што ќе најдев, рече со треперлив глас новинарот Кежаровски пред присутните. Тој додаде дека не бил затворен за случајот „Ореше“, туку дека во затвор се нашол затоа што, како што рече, ѝ брцнал во око на власта со 5-6 текста.

– Кога ме повика обвинителката, ми рече дека треба да пеам, се присти Кежаровски.

– Ми го повредија семејството и поради нив загубивме близок член на семејството, не можеше да ја издржи неправдата, со солзи во очите говореше Кежаровски пред присутните. Тој додаде дека го имал најдобриот адвокат, Филип Медарски, но нарачателите ги имале судиите.

– Тоа што го поминав во затворот беше морничаво патување. Четворица живеевме во 8 квадрати без да се караме за ништо. Ако можевме ние, во Македонија има простор за 2 милиони луѓе беспрекорно да живеат, рече на крајот новинарот Кежаровски.

Професорката Маја Стевановиќ рече дека Кежаровски е македонскиот Солжењицин, односно политички затвореник во една диктатура која завршила. Таа говореше дека очекува наскоро за Кежаровски да биде направен филм од национален интерес.

Новинарот Синиша Станковиќ говорејќи за книгата рече дека Кежаровски моментално е стипендист во Академија за политички прогонети во Хамбург.

Професорот Нано Ружин говореше дека Томислав Кежаровски станал најпознатиот истражувачки новинар од Македонија во светот, кој поради пишаниот збор станал синоним за борба против диктатура.