Според УНИЦЕФ секое трето дете во Македонија е со зголемена телесна тежина, а 14 отсто од момчињата на 11-годишна возраст се соочуваат со тој проблем, во споредба Европа каде што тој процент е 4 отсто.
Нутриционистите препорачуваат децата да внесуваат повеќе свежо овошје и зелечук во секојдневната исхрана како свежа ужина и салати.
Денеска во сите училишта, учениците беа запознаени со здравиот начин на исхрана, а министерката за образование и наука Рената Дескоска и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс присуствуваа на одделенски час со деца од четврто одделение во ОУ „Аврам Писевски“ во село Бардовци, каде што се зборуваше за здравиот начин на исхрана.
– Целта е учениците да се стекнат со здрави навики околу исхраната и со однос што ќе значи нефрлање на храната што ќе остане неискористена, рече Дескоска.
Дескоска најави дека заедно со градоначалниците ќе се преиспитува квалитетот на храната што се нуди на децата и дека во рамки на измените на законите ќе бидат внесени и казни за оние училишта што нема да се придржуваат до Правилникот за храна.
– Тоа е проблем што подолго време се провлекува заради тоа што некои градоначалници во склучувањето на договори за исхрана на учениците не ги почитувале одредбите од Правилникот донесен од МОН за тоа што треба да содржи исхраната на децата во училиштата, рече Дескоска.
Претставникот на УНИЦЕФ, Перкс кажа дека причините за зголемената телесна тежина кај децата се комбинација од исхраната и недоволната физичка активност.
– Правилната исхрана придонесува не само за физичкото здравје туку и за развојот на мозокот, за учењето, за правилниот раст, освен тоа не се работи само за количеството на исхрана, туку и за неурамнотежена исхрана, посочи Перкс.
