Груевски ги повика граѓаните на 15.октомври да ја пуштат светлината за да заврши помрачувањето

Од:

Ветувања за почеток на нова ера за развој на општините преку проекти со конкретни рокови за подобри услови за граѓаните, а во Скопје нови булевари, водоводи, зелени површини, современ јавен автобуски превоз, капитални проекти и инвестиции, изнесе вечерва на централниот митинг во Скопје Коалицијата за подобра Македонија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Приклучете се на новата ера за да го забрзаме напредокот на Македонија и на нашите градови и села. Нема да ве изневериме, ви даваме збор со име и со чест, рече Груевски.

Тој оцени дека учесниците на митингот со своето присуство го претвориле денот на изборите – 15 октомври во победа, и побара на тој ден, како што рече, граѓаните да ја пуштат светлината за да заврши помрачувањето.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ направило револуција не на демолирање, палење и деструкција, туку со градење нови патишта, со реализација на многу проекти, отворање болници, училишта, фабрики, со борба за нови инвестици и со отворени 173.000 работни места.

Граѓаните, посочи, секогаш заслужуваат подобро, а со новата ера која ја ветува најавува 150.000 работни места, пад на невработеноста за 10 проценти, најниски даноци, поголеми плати, пензии, субвенции.

– Нашата цел е влез во ЕУ и НАТО, држава на среќни и горди граѓани. ЕУ и НATO како реална цел. Повисоки примања и повисок стандард во сите области. Во тоа светло, ги подготвивме нашите студии и планови. Ги поставивме и нашите цели во оваа насока, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, политичките противници поради недостаток на конкретни проекти и јасна визија спроведувале негативна кампања. – Се што може да направат е да фрлаат кал по нас, да измислуваат лаги и да користат празни зборови, рече Груевски, оценувајќи дека власта прави грешки на штета на сите граѓани и на целата држава и оти поради тоа граѓаните на изборите мора да ја испратат својата порака.

Кандидатот на Коалицијата за градоначалник на Скопје Коце Трајановски, според него, создал многу нови и големи работи и најдобро знае што значи локална самоуправа.

Трајановски истакна оти очекува победа за модерно и напредно Скопје со соживот и почитување, можности за сите и со решенија и шанси за сите.

– На Скопје му треба домаќин човек и тука сум да работам за секој граѓанин на Македонија, рече Трајановски, ветувајќи проекти за сите десет општини во Скопје.

Како што рече, Скопје го очекува нора ера на развој. Ветува зелено Скопје со нови булевари, паркови, детски катчиња, модерни училишта, голем број проекти за намалување на загадувањето на воздухот.

– Ново средно учиулиште во општина Аародром, пречистителна станица, нов луна парк, уште еден влез и излез од Аеродром кон Центар со мост на Вардар, се дел од проектите кои ги вети Трајановски, барајќи поддршка за советничката листа на Коалицијата.

– Ветувам дека ќе продолжам да се борам за сите граѓани во сите десет општини за сите националности од сите политички партии. Скопје ќе продолжи да оди напред и да влезе во ерата на уште поголем напредок и развој, рече Трајановски.