Кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Марјан Ристески, денеска во изјава за медиумите кажа дека Прилеп наскоро ќе ја добие првата фабрика за секундарна селекција на отпад во Македонија и дека со оваа инвестиција се оди кон крајно решавање на проблемот со отпадот.
– Во 2013 година, беше набавена и линијата за секундарна селекција на отпадот. Вкупната инвестици во делот на градба и машинскиот дел само за оваа фабрика ќе изнесува околу 60 милиони денари, средства обезбедени од ЈКП „Комуналец“ и Општина Прилеп. Во првата фаза во оваа фабрика се планира да се вработат 100 лица со можност за проширување на комплексот до 200 вработувања. Од овој месец ќе започнеме со реализација на проектот – Компостара, вреден 10 милиони денари. Компостарата ќе се гради со неповратни средтва од Европските фондови од Програмата за меѓугранична соработка, рече Ристески.
Тој додаде дека реализацијата на овој проект треба да финишира во октомври 2019. година, а во компостарата ќе се преработува органски отпад и ќе се произведува компост.
– Ќе инвестираме и во дробилка за градежен шут, која преработка би се користела за тампонирање на локални и колски патишта. И за оваа инвестиција како и за компостарата ќе аплицираме до пристапните фондови. Со овие инвестиции Прилеп ќе го добие најмодерниот Центар за управување со отпад во Македонија, чии вкупни инвестиции треба да чинат околу 5 милиони евра. Со сето ова ќе се добие нулта отпад, односно Прилеп нема повеќе да има ѓубре, рече Ристески.
Тој најави дека планира со линијата за секундарна селекција, компостарата, дробилката и другите вакви инвестиции целата депонија да биде преработена и да се изврши нејзино рекултивирање за 5 до 6 години, што самото по себе ќе значи дека за 5-6 години Прилеп веќе нема да има депонија.
– Од 2008 година Прилеп започна со проектот примарна селекција на отпад и до крајот на 2018 година се планира истиот и да заврши. Со овој проект досега кај домаќинствата се поделени околу 20.000 нови корпи за селекција на отпадот, инвестиција од над 23 милиони денари, средства од ЈКП „Комуналец“ и Општина Прилеп. Исто до 2018 вкупната бројка на поставени контејнерии за селекција ќе достигне 1.300. Наредната недела ќе се започне со поделување на нови 1.000 корпи за селекција на отпад во населбата Тризла 2, рече Ристески.
Како што кажа тој, во 2018. година Прилеп ќе биде единствениот град на Балканот кој 100 отсто ќе ја има завршено примарната селекција на отпад.
– Започнуваме и со еден друг проект во делот на правилното третирање и управување со отпадот, или со поставување на подземни контејнери. И со овој проект сме помеѓу првите градови во Македонија. Вакви контејнери веќе беа поставени во градскиот пазар, Подземни контејнери ќе поставиме и во централното градско подрачје во близина на Градската саат , во близина на двете катни гаражи, позади Бизнис центарот, во близина на ЦК „Марко Цепенков“, кај ООУ „Кочо Рацин“, позади новата општинска зграда, наспроти зграда „Македонија“ кај паркингот и на други централни локации, вели Ристески.
Тој кажа дека со поставувањето на овие контејнери под површината на земјата се решава проблемот со екологијата, а ќе се подобри и визуелниот изглед.
