Се одржа првиот саем за мажи „И мажите можат“ со порака за вклучување на мажите и момчињата за родова еднаквост

Од:

Во саботата, 16-ти септември, во Јавна соба-Скопје се одржа првиот саем за мажи насловен како „И мажите можат“. Во рамки на саемот се одржаа три работилници насловени како „Мажите пеглаат“, „Мажите готват“ и „Креативни игри за деца“ во кој учество земаа мажи и момчиња од Македонија. Овој настан е дел од националната кампања „И мажите можат“ која има за цел да го промовира вклучувањето на мажите и момчињата за родова еднаквост.

На настанот учесниците ги градеа своите вештини во кујна преку подготовка на фамилијарен оброк и подготовка на привлечни и здрави оброци за деца по рецептите на Џорџ Георгиевски- таткото од Австралија со македонско потекло кој стана хит на социјалните мрежи со подготовка на ужинка, и кој официјално даде поддршка и на македонската кампања „И мажите можат“. На настанот учесниците исто така имаа шанса да стекнат вештини за пеглање, диплење и анимирање на деца со театар на сенки. Инструктори на работилниците беа Антонио Ѓорѓиевски (професионален млад готвач кој готви и секојдневно за семејството), Самет Шабани и Александар Грујиќ (млади луѓе чие хоби е пеглањето) и Круме Стефановски (основач на театарската група „Сенки и облаци“ и посветен татко).

Во своите први чекори кампањата се фокусира на промовирање на позитивните примери на татковството и старателството во секојдневниот живот во семејствата, како и грижа во домот. Кампањата се одвива во рамки на проектот „Вклучување на мажите и момчињата за родова еднаквост“ кој го имплементира Здружение за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со Y-PEER Македонија со поддршка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија. Организации кои го поддржуваат проектот во Македонија се: Здружение Родова Перспектива, Здружение за еднакви можности „СЕМПЕР“ – Битола , ЖЕНСКИ ФОРУМ –ТЕТОВО, Женска Граѓанска Иницијатива АНТИКО, ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, Tiiiit !Inc и Организација жени на град Скопје и Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

„За прв пат во Македонија се случи ваков настан. Работилниците поминаа одлично и гледаме дека јавноста реагира на пристапот. Од аспект на иновација, овој пристап има голем потенцијал. Се разбира дека не е само прашањето на пеглање и готвење кога зборуваме за родова еднаквост, но вклучувањето на мажите и започнување на една широка дискусија за нивното вклучување е особено важно. Овој настан го организиравме како перформанс за споделување на пораки на позитивни примери, но во иднина потребно се пошироки акции на сите нивоа на општественото живеење и сите заедно и мажите и жените да застанат зад барањата за поголема родовата еднаквост. Само во општество кое е праведно и нуди еднакви можности и услови за сите може да случи вистински напредок“ изјави Ирина од АРНО.