Дебата за законот за јазици во Комисијата за политички систем

Од:

Уставноста на Предлог-законот за употреба на јазици, во прво читање, процедурата за неговото носење, како и фискалните импликации од примената, ја одбележаа денешната дебата за овој закон во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која втор ден расправа за предложеното законско решение.

За членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ предложениот закон е неуставен и неосновано има европското знаменце, затоа што, како што рече пратеничката од оваа партија Невенка Стаменковска, тој воопшто не е услов за евроинтеграциите на Република Македонија.

– Предлог-законот нема коресподентна табела за усогласеност по правото на ЕУ, рече Невенка Стаменковска, обвинувајќи го парламентарното мнозинство дека се обидува на мала врата „да го протне законот“, како и дека воопшто не дискутира за фискалните импликации ниту пак овозможило дебата за стручната и пошироката јавност. Ова, потенцира Стаменковска, е закон кој ќе направи големи реформи во институциите и во целото општество и ќе има големи финансиски импликации затоа што меѓу другото се предлага формирање нови институции.

Заменик претседателот на Комисијата и пратеник од СДСМ Хари Локвенец реагирајќи процедурално посочи дека е неприфатлив изразот од Стаменковска дека се прави обид за протуркување на мала врата на законот.

– Тој израз апсолутно не може да биде прифатен водејќи сметка дека е еден од ретките закони што се гледа во две собраниски комисии, и во Комисијата за европски прашања и во оваа Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, а дополнително на крај би се разгледувал во Законодавно-правната комисија, рече Локвенец.

Истакна дека воопшто не станува збор за закон што би требало да биде протуркан набрзина низ процедурите во Собранието и оти европското знаменце воопшто не значи избегнување на процедурата за двотретинско мнозинство.

– Европското знаменце не е гаранција за просто мнозинство, туку дека овој закон би бил во согласност со европските регулативи, нагласи Локвенец.

Реплицирајќи и на Стаменковска, пратеникот од ДУИ Реџаиљ Исмаили оцени дека во пресрет на локалните избори некој сака да добие политички поени. Истакна дека Владата се произнела уште на почетокот дека ќе има закон за употреба на јазиците и оти тој е дел од владината програма. Воедно, наведе, во извештаите од Европската унија имаше забелешки дека има застој во имплементацијата на Охридскиот договор, кој со ова ќе биде заокружен.

За Исмаили се неиздржани тврдењата на Стаменковска и за финансиските импликации. Во делот од законот за финансиските импликации, наведе, јасно е истакнато оти за неговата примена во првата година ќе бидат потребни 16 милиони денари од Буџетот за 2018 година, а потребните вработувања во најголем дел ќе бидат преку преземање од други институции, пред се, од владиниот Секретаријат за европски прашања.

Во контрареплика, Стаменковска повтори дека законот е неуставен и оти Исмаили зборува парцијално односно само колку ќе чини вработувањето во новата агенција што е предвидена со законот.

– Ниту вие, ниту кој било не кажа колку ќе чини вработувањето на дополнителни преведувачи во судовите, на дополнителни лица кои ќе го говорат албанскиот јазик во основните, средните училишта, на универзитетите, колку ќе чини вработувањето во полицијата, во болниците и во општините, рече Стаменковска.

Во продолжение на репликите со Стаменковска, Исмаили нагласи дека законот не е неуставен.

Повикувајќи се на став 2 од амандманот 5 од Уставот Исмаили рече дека јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен јазик.

– Алинејата 5 од истиот амандман гласи: во органите на државната власт во РМ службен јазик различен од македонскиот може да се користи во согласност со закон и доаѓаме до закон. Не може еден јазик да биде службен и не е службен ако не се употребува на ниво на целата држава. Значи се што е дозволено во рамки на амандманот 5 е предвидено и вклучено во овој закон, рече Исмаили.

Расправата за Предлог законот за употреба на јазиците во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците почна вчера, откако претходно доби зелено светло од Комисијата за европски прашања која за него дебатираше како матично тело.

Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.

– Определбата за евроатлантска интеграција на Македонија е нераскинливо поврзана со потребата за целосна примена на Рамковниот договор на што укажуваат и низа заклучоци на Советот на Европа. Досегашната практика покажа недоследност во примената и опфатот на постојната правна регулатива заради што е констатирана потреба од доуредување на материјата со која се регулира употребата на јазиците од кои причини Владата на РМ предлага нов закон за употреба на јазиците, наведува предлагачот.

Како што стои во образложението на Предлог-законот, на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо на начин утврден со овој закон. Во сите органи на државната власт, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања и други институции покрај македонскиот јазик и неговото писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РМ. За употребата на јазикот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната власт.

Со Предлог законот се предвидува граѓаните да имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма и оти институциите имаат обврска да им го овозможат на граѓаните користењето, употребата и примената на тие службени јазици и нивните писма.

Со предложениот закон се уредува и употребата на јазикот од страна на избраните или именувани функционери во институциите наведени во законот, како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и писмото што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Меѓу останатото се уредува и употребата на јазиците во Собранието, во Владата, како и пишувањето на називите во институциите.